Преговори САД- Иран
Првата директна средба меѓу американската и иранската делегација по постигнатиот договор за прекин на огнот се одржува во услови на нови обвинувања.

Прва директна средба во Швајцарија меѓу делегациите на САД и Иран со посредникот Пакистан, по потпишувањето на договорот за прекин на огнот кој во наредните 60 дена треба да ги реши отворените прашања меѓу Вашингтон и Техеран. Во иранската делегација се претседателот на парламентот, Мохамед Багер Галибаф, и министерот за надворешни работи, Абас Арагчи. Потпретседателот Венс, како дел од американскиот тим, уверува дека работите се движат на подобро.
„И покрај насловите, работите всушност се подобруваат таму и малку се смирија. Ќе биде нешто што ќе мора постојано да го управуваме за да се осигураме дека Израел и Либан се безбедни. Тоа е фундаменталната цел, да го направиме целиот регион безбеден. Големиот проблем е што некој ќе пука, а потоа некој ќе одговори. Едноставно мора да го запреме пукањето доволно долго за да се одржи прекинот на огнот. Ќе продолжиме да работиме на тоа, но работите се подобрија“, рече Џеј Д. Венс, потпретседател на САД.
Состанокот се одржува и покрај тоа што властите во Исламската Република соопштија дека повторно го затвориле Ормускиот теснец поради нападите од Израел врз јужен Либан. Американската војска го оспори тврдењето, велејќи дека сообраќајот продолжува да се одвива. Од иранското МНР потенцираа дека ќе извршат притисок за спроведување на обврските од страна на САД, а во спротивно, меморандумот како целина ќе биде поткопан.
„Обврските се многу јасни. Член еден од меморандумот е најважниот дел од реципрочните обврски. Тој бара крај на војната на сите фронтови, вклучително и во Либан. Ние ги почитувавме нашите обврски. Другата страна беше обврзана да ги принуди своите сојузници – поточно ционистичкиот режим – да ги прекинат нападите во Либан. Во овој поглед, видовме дека тие не ги исполнија своите обврски, а тоа претставува јасно кршење на меморандумот за прекин на огнот“, изјави Есмаил Багнеи, портпарол на МНР на Иран.
Израелскиот премиер повтори дека израелската војска ќе остане во јужен Либан, и покрај барањата од Белата куќа за нивно повлекување. Нетанјаху потенцира дека ќе го нападнат Хезболах доколку бидат испровоцирани.
Маријана Димовска
