Авиосообраќај

Охрид доби директна авиолинија со Виена

21.06.2026 14:02

Охрид повторно доби директна авионска врска со Виена. Со првиот лет на „Аустријан ерлајнс“ денес пристигнаа 150 патници, а до крајот на летната сезона се очекуваат околу 5.000 туристи од Австрија.

Со првиот лет на „Аустриан ерлајнс“ од Виена, Охрид доби директна воздушна врска со австриската престолнина. Иако авиорелацијата постоеше и во минатото со нискобуџетни компании, денешното возобновување има посебно значење, бидејќи за првпат се воспоставува со националниот австриски авиопревозник.

Со првиот лет денес пристигнаа првите 150 гости, а до крајот на летото се очекуваат околу 5.000 туристи од Австрија.

„Преку новата авиолинија Виена – Охрид – Виена отвораме уште една порта кон Европа и создаваме нови можности за директна поврзаност меѓу нашиот регион и еден од најважните економски, културни и туристички центри на континентот. Виена е град од исклучително значење за деловни патувања, туризам и за македонската дијаспора. Оваа нова авиолинија ќе им обезбеди на патниците побрз, полесен и поудобен пристап до Охрид, а воедно ќе придонесе и за поголема видливост на нашата дестинација на меѓународниот пазар“, истакна Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Новата конекција ќе ја подобри поврзаноста на охридскиот регион со австрискиот пазар, пристапот на дијаспората и достапноста до европските дестинации.

„Северна Македонија има огромен туристички потенцијал кој сè уште чека да биде разоткриен. Воодушевувачката убавина на Охридското Езеро, разновидниот пејзаж, природните паркови, гостопримливоста на населението и богатото културно наследство се работи кои заслужуваат многу поголемо меѓународно внимание“, изјави Матијас Хуменбергер, заменик-шеф на мисијата на Австриската амбасада.

Линијата Охрид – Виена ќе оперира двапати неделно, а од охридскиот аеродром ова лето се патува до 17 дестинации.

Соња Рилковска