Спротивни ставови

21.06.2026 14:37

По две години владеење, СДСМ оценува дека Владата не ги исполнила ветувањата и не успеала да го подобри животниот стандард на граѓаните.

СДСМ со критики за економските политики на власта за две години владеење. Претседателот на опозициската партија Венко Филипче, рече дека 90% од ветувањата на премиерот биле неисполнети, односно дека владата немала позитивни резултати.

Оценија дека наместо подобар животен стандард и повисоки плати, граѓаните во последните две години се соочувале со економски проблеми и намалена куповна моќ.

Од опозициската партијата тврдат дека платите не го следеле растот на цените и дека на едно семејство потребни му се речиси 70.000 денари за покривање на основните трошоци. Во однос на реконструкцијата на Владата, Филипче рече дека тоа било театар и козметика.

Просечната нето-плата во Македонија за две години е зголемена за близу 8.000 денари, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Таа сега изнесува скоро 50.000 денари. Пратеникот Бојан Стојаноски, рече дека во март 2024, просечната нето-плата изнесувала 40.496 денари, а во март 2026 година достигнала 48.433 денари.

Според власта, клучниот показател за успехот на економските политики на Владата е фактот што платите растат побрзо од трошоците за живот. Во истиот двегодишен период, растот на цените изнесувал 7,8%, што значи дека кога растот на платите ќе се коригира со инфлацијата, реалното зголемување на просечната плата изнесува речиси 11%.

Борис Грујоски