Блиски Исток

САД и Иран со охрабрувачки напредок во Швајцарија

22.06.2026 08:46

САД и Иран постигнаа охрабрувачки напредок во клучните разговори што се одржуваат во Швајцарија. Договорено е формирање Комитет за надзор на процесот, механизми за безбеден проток на бродскиот сообраќај во Ормускиот теснец и координациска група за намалување на тензиите во Либан. Медијаторите Катар и Пакистан велат разговорите се одвивале во позитивна и конструктивна атмосфера.

По речиси 18 часа разговори во Швајцарија, САД и Иран постигнаа охрабрувачки напредок и се согласија за патоказ кон конечен договор во наредните 60 дена-оценија посредниците од Катар и Пакистан. Двете страни се согласиле техничките разговори да продолжат во наредните денови. Договорено е формирање комитет за надзор на процесот, механизми за безбедна пловидба низ Ормускиот теснец и координациски група за намалување на тензиите во Либан. Иран соопшти дека се укинати санкциите за извоз на нафта и дека дел од замрзнатите финансиски средства се ослободени. Првиот вистински тест за постигнатиот напредок ќе биде успехот на механизмот за спречување нови судири и зачувување на мирот во Либан-велат од Техеран.

„Неуморното посредништво на Пакистан и Катар донесе значителен напредок кон завршување на војната во Либан. Ограничувањата за извоз на нафта и петрохемиски производи се укинати, блокадата е тргната, дел од замрзнатите средства се ослободени, а започнат е голем план за реконструкција и развој на Иран. Првиот вистински тест: формирање на координациски група за деескалација во Либан“-Објава на Абас Арагчи – министер за надворешни работи на Иран.

Од Вашингтон засега без коментар за договореното, додека Израел останува цврст на ставот дека Иран никогаш нема да се здобие со нуклеарно оружје и дека нема да ги повлече своите сили од јужен Либан.

„Без разлика што ќе се случува во разговорите, ви ветувам дека Иран, сè додека сум премиер, никогаш нема да има нуклеарно оружје. Воспоставивме безбедносна зона во Либан и ќе ја одржуваме сè додека е потребно за да го заштитиме нашиот народ“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.

Хезболах, пак, нагласи дека нема да прифати никаков договор за прекин на огнот што му дава на Израел „слобода на дејствување“ во Либан.

„Нека Израелците и сите други го разберат ова: останувањето на либанска територија е невозможно. Нема да има израелски безбедносни зони на либанска почва. Секое примирје под насловот сеопфатно запирање на агресијата е нешто на кое веќе сме посветени, но нема да прифатиме никакво негово кршење“, изјави Наим Касем – генерален секретар на Хезболах.

Преговорите накратко беа прекинати откако американскиот претседател Доналд Трамп упати остри пораки кон Иран и се закани со нови воени активности доколку не се постигне договор. Медијаторите оценуваат дека постигнатиот напредок отвора простор за понатамошен дијалог и поголема регионална стабилност, додека на светските пазари цената на нафтата бележи пад поради сигналите за смирување на тензиите.

Бојана Крстевски