Камерен концерт „Musica Sacra Barocca“ вечерва во Католичката катедрала во Скопје
Љубителите на класичната музика вечерва ќе имаат можност да уживаат во богатството на барокната духовна традиција. Во Католичката катедрална парохија „Пресвето Срце Исусово“ ќе се одржи концертот „Musica Sacra Barocca“ во изведба на Opera Pannonica ансамблот од Осиек и Дубровничкиот гудачки квартет. Влезот е слободен.

Во Католичката катедрална парохија „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје вечерва, со почеток во 20:30 часот, ќе се одржи камерниот концерт „Musica Sacra Barocca“, посветен на духовната музика од барокниот период.
На сцената ќе настапат членовите на Дубровничкиот гудачки квартет – Слободан Бегиќ и Кармен Бегиќ на виолина, Ива Нодило на виолончело и Анте Блажевиќ на оргули, заедно со солистите Ања Папа Перановиќ, сопран, и Берислав Јерковиќ, баритон.
Концертната програма е посветена на кантатите на Јохан Себастијан Бах, преку кои публиката ќе може да го доживее раскошниот свет на барокната духовна музика. Организаторите најавуваат вечер исполнета со префинет звук, богати вокални партии и впечатливи инструментални бои, карактеристични за музичкиот израз на барокот.
Изведбата е во организација на ансамблот Opera Pannonica од Осиек, основан во 2010 година, кој обединува музички уметници, професори и гостински изведувачи од повеќе европски земји и пошироко. Покрај оперските продукции, ансамблот редовно реализира концертни програми со сакрална и вокално-инструментална музика, вклучувајќи кантати, ораториуми и камерни вокални проекти.
Во текот на своето дејствување, Opera Pannonica настапувал на бројни меѓународни фестивали и концертни сцени во регионот и Европа, меѓу кои и фестивалот „Скопско лето“. Уметнички раководител на ансамблот е проф. д-р Берислав Јерковиќ.
Влезот за концертот е слободен.
