„Светлост“ и дуото Букршлиев–Ивановски вечерва на „Џез за чудаци“ во Скопје
Триесет и третото издание на серијалот „Џез за чудаци“ вечерва ќе се одржи во Социјалниот центар „Дуња“ во Скопје. Пред публиката ќе настапат групата „Светлост“ и дуото Филип Букршлиев и Никола Ивановски, кои ќе понудат вечер исполнета со слободна импровизација, експериментален звук и џез надвор од конвенционалните рамки.
Во Социјалниот центар „Дуња“ во Скопје вечерва, со почеток во 20 часот, ќе се одржи 33. издание на музичкиот серијал „Џез за чудаци“, во коорганизација на „Аксиома“, „Светлост“, „Џез за чудаци“ и СЦ „Дуња“.
Настанот ќе го отвори дуото составено од Филип Букршлиев на електрична гитара и Никола Ивановски на труба. Според најавите, двајцата музичари преку слободна импровизација и истражувачки пристап создаваат уникатен музички израз кој излегува надвор од класичните жанровски рамки.
По нив ќе настапи групата „Светлост“, позната по својот препознатлив спој на слободен џез, панк и експериментален звук. Нивните концерти се карактеризираат со интензивна атмосфера и силна интеракција меѓу музичарите и публиката.
Организаторите посочуваат дека серијалот „Џез за чудаци“ и овојпат останува верен на својата мисија да промовира музика која ги надминува жанровските ограничувања и нуди простор за авантуристички и неконвенционални звучни искуства.
Цената на билетот е 300 денари, додека за студенти и невработени изнесува 200 денари.
