Патоказ за конечен договор, фокус на мирот во Либан
По 18 часа преговори во Швајцарија, Вашингтон и Техеран постигнаа напредок кон сеопфатен договор во следните 60 дена. Медијаторите од Катар и Пакистан најавуваат продолжување на техничките разговори и нови механизми за деескалација во регионот.

По речиси 18 часа разговори во Швајцарија, САД и Иран постигнаа охрабрувачки напредок и се согласија за патоказ кон конечен договор во наредните 60 дена-оценија посредниците од Катар и Пакистан. Двете страни се согласиле техничките разговори да продолжат во наредните денови. Договорено е формирање комитет за надзор на процесот, механизми за безбедна пловидба низ Ормускиот теснец и координациска група за намалување на тензиите во Либан. Иран соопшти дека се укинати санкциите за извоз на нафта и дека дел од замрзнатите финансиски средства се ослободени. Првиот вистински тест за постигнатиот напредок ќе биде успехот на механизмот за спречување нови судири и зачувување на мирот во Либан-велат од Техеран.
„Неуморното посредништво на Пакистан и Катар донесе значителен напредок кон завршување на војната во Либан. Ограничувањата за извоз на нафта и петрохемиски производи се укинати, блокадата е тргната, дел од замрзнатите средства се ослободени, а започнат е голем план за реконструкција и развој на Иран. Првиот вистински тест: формирање на координациска група за деескалација во Либан“, објави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Од Вашингтон засега без коментар за договореното, додека Израел останува цврст на ставот дека Иран никогаш нема да се здобие со нуклеарно оружје и дека нема да ги повлече своите сили од јужен Либан.
„Без разлика што ќе се случува во разговорите, ви ветувам дека Иран, сè додека сум премиер, никогаш нема да има нуклеарно оружје. Воспоставивме безбедносна зона во Либан и ќе ја одржуваме сè додека е потребно за да го заштитиме нашиот народ“, рече Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Хезболах, пак, нагласи дека нема да прифати никаков договор за прекин на огнот што му дава на Израел „слобода на дејствување“ во Либан.
„Нека Израелците и сите други го разберат ова: останувањето на либанска територија е невозможно. Нема да има израелски безбедносни зони на либанска почва. Секое примирје под насловот сеопфатно запирање на агресијата е нешто на кое веќе сме посветени, но нема да прифатиме никакво негово кршење“, нагласи Наим Касем, генерален секретар на Хезболах.
Преговорите накратко беа прекинати откако американскиот претседател Доналд Трамп упати остри пораки кон Иран и се закани со нови воени активности доколку не се постигне договор. Медијаторите оценуваат дека постигнатиот напредок отвора простор за понатамошен дијалог и поголема регионална стабилност, додека на светските пазари цената на нафтата бележи пад поради сигналите за смирување на тензиите.
Бојана Крстевски
