Сиљановска-Давкова: Примената на пресудите од меѓународните судови е мерило за правната држава
Колку државата ги почитува законите зависи и од тоа колку ги спроведува пресудите на меѓународните судови, истакна претседателката Сиљановска-Давкова на конференцијата на врховните судови во Скопје. Судии од Европа и САД порачаа дека размената на искуства и независноста на судството се предуслов за подобра правда и поголема доверба кај граѓаните.

Колку се почитуваат законите зависи и колку се применуваат пресудите на меѓународните судови, владеењето на правото во една држава се оценува по работата на највисокиот-Врховниот суд, порача претседателката Сиљановска-Давкова на Конференцијата на претседателите на врховните судови од 13 земји од Централна и Источна Европа, и од САД во Скопје.
Ефикасно и независно финансирање на судовите е основа за враќање на довербата на граѓаните во судството. Судии од САД сметаат дека со размена на мислење на судиите од светот се подобрува нивната работа.
„Целта на оваа конференција што постои 16 години е судиите да се соберат и споделат искуства, да учат едни од други, да станат подобри судии. Се соочуваме со предизвици во светот што се многу слични, па ова е корисна размена на идеи и практика што се надевам ќе нè направат подобри судии“, вели Дејвид Кемпбел-федерален судија од САД.
Примена на правото на европските судови во македонскиот судски систем е поддржано од Европскиот институт за засилено владеење на правото.
„Една од клучните работи е како меѓусебно комуницираат судиите. Пред години тие само писмено соопштуваат мислења, сега тоа е минато и судиите јавно зборуваат за одлуките согласно нивната независност и етичките рамки за нивните случаи“, изјави Роберт Р. Странг – извршен директор на Институтот СЕЕЛИ.
За побрзи пресуди потребно е примена на вештачката интелигенција во работата на судовите, сметаат претседателите на највисоките судови.
Ирина Гелевска
