Македонија

УХМР предупредува на нестабилно време со дожд, грмежи и засилен ветер

22.06.2026 17:01

Под влијание на циклонска активност со центар над Турција, утре и в среда низ земјава се очекува нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Од УХМР предупредуваат дека локално процесите може да бидат поинтензивни, проследени со невреме и појава на град.

Управата за хидрометеоролошки работи најавува нестабилно време во следните два дена, со развој на облачност проследена со дожд, грмежи и засилен ветер.

Според прогнозата, утре и в среда под влијание на циклонска активност со центар во Турција ќе има услови за пообилни врнежи од дожд, силен ветер и локална појава на град. На одделни места атмосферските процеси може да бидат поинтензивни и да прераснат во невреме.

Во четврток се очекува изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, а од петок следува период на претежно сончево и потопло време. Дневните температури насекаде ќе надминат 30 степени Целзиусови.

Во Скопје ќе се задржи топло време, но во попладневните часови во делови од котлината ќе има услови за развој на нестабилна облачност со дожд, грмежи и засилен северен ветер, а можно е и краткотрајно невреме.

Од УХМР препорачуваат граѓаните да бидат внимателни при појава на електрични празнења, да избегнуваат престој на отворен простор и да не се засолнуваат под осамени дрвја.