Ракомет

Вардар доби вајлд-карта за Лигата на шампионите, по четири години се враќа во европската елита

22.06.2026 12:35

Македонскиот ракометен шампион Вардар 1961 следната сезона повторно ќе настапува во Лигата на шампионите. Европската ракометна федерација му додели вајлд-карта на двократниот европски првак, кој по четиригодишна пауза се враќа во најелитното клупско натпреварување.

Европската ракометна федерација (ЕХФ) му додели вајлд-карта на македонскиот шампион Вардар 1961 за настап во машката Лига на шампиони за сезоната 2026/27.

Со ова, двократниот европски шампион по четири години повторно ќе биде дел од најсилното клупско натпреварување во Европа.

Во новата сезона во Лигата на шампионите ќе учествуваат 24 екипи, распределени во шест групи со по четири тима. Меѓу клубовите кои аплицираа за место во елитното натпреварување, но не добија покана, се Татабања, Валур и Елверум.

Ждрепката за групната фаза ќе се одржи во петок во Виена, додека новата сезона стартува на 9 и 10 септември.

Веста за враќањето во Лигата на шампионите, Вардар ја сподели и преку видео објавено на социјалните мрежи, во кое клупската легенда Иван Чупиќ телефонски му порачува на Лазаревски дека одморот е завршен и дека тимот повторно ќе настапува во европската елита.