Пoлитичкиот дијалог и натаму блокиран!
Врз основа на извештајот на ад хок комисијата во Париз се донесени заклучоците со кои уште еднаш е повторен ставот дека местото на политичката дебата е во институциите...

Меѓународната заедница ги искористи сите механизми за нормализирање на политичкиот дијалог. Врз основа на извештајот на ад хок комисијата во Париз се донесени заклучоците со кои уште еднаш е повторен ставот дека местото на политичката дебата е во институциите. Сега, вели за МРТ, шефот на македонската делегација во Стразбург Александар Николовски останува уште малку време опозицијата да ја преиспита одлуката.
„Нити тие кои победуваат нити тие кои губат добиваат максимум во политичката битка, и тоа е работа којашто треба да ја сфатат. Политиката во Македонија и сега и во иднина ќе е се повеќе политика на компромиси и потребни се такви раководства во сите партии кои ќе го сфатат тоа“, изјави шефот на Парламентарната делегација во Парламентарното собрание во Советот нс Европа, Александар Николовски.
Место за компромис, кога се во прашање нашите барања нема - уште еднаш ставот на СДСМ го повтори портпаролот Шилегов.
„Било какви избори коишто нема да ги организира техничка влада, ќе доведе до зголемување на политичката криза, односно политичката состојба ќе биде уште покомплицирана“, рече портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
Доколку опозицијата води сметка за државниот интерес тогаш, според подпретседателот на Собранието, Алити, треба да учествува во работата на Собранието, но доколку СДСМ и натаму опстои на одлуката да апстинира, тогаш Собранието има обврска да постапува според деловникот и на една од седниците по 8-ми октомври да бидат констатирани оставките.
„Претседателот на Собранието секако треба да донесе одлука за распишување на избори за тие пратенички места кои се празни“, изјави подпретседателот на Собранието на Република Македонија, Рафиз Алити.
Според Алити, ДУИ не размислува за нови предвремени парламентарни избори. Вакво нешто е неприфатливо и за ДПА. Тачи веќе изјави дека, доколку се отвори оваа тема тие ќе се вратат во Законодавниот дом, за нивното отсуство да не биде алиби за парламентарното мнозинство да донесе одлука за нов избор на 123 пратеници.
Виолета Димовска
