Политика

Продолжуваат разговорите за владината реконструкција

22.06.2026 17:35

До крајот на неделава треба да финишираат разговорите на премиерот Мицкоски со коалициските партнери за реконструкција на владата. Не се исклучува и промена на ресори. Нова амбалажа, ист производ со поминат рок, реакција од СДСМ. Според опозицијата, за вистинска реконструкција, прво би требало да го реконструираат премиерот. Власта и опозицијата со спротивставени ставови и за изборите.

Премиерот Мицкоски првичните разговори со коалициските партнери ВРЕДИ и ЗНАМ за најавената владина реконструкција ги оцени како конструктивни. Потврдени принципите на одговорност, резултати, достапност до граѓаните, ефикасност во работењето. Шефот на Владата најави дека наредните денови ќе има финални консултации и разговори на кои ќе бидат разгледани и потврдени конечните решенија и позиции. Реконструкцијата не се води од партиски или персонални интереси, туку од потребата за дополнително јакнење на институционалниот капацитет и уште поефикасна реализација на владината програма, став од Илинденска број два.

На политичката сцена, тема и изборите. Собранискиот спикер Гаши вели дека тој е за редовни парламентарни, бидејќи смета дека на државата и треба политичка стабилност. Конечната одлука ја имаат пратениците.

„За тоа треба да одлучи мнозинството во Собранието. Ако мнозинството, односно ако 61 пратеник изгласаат да има предвремени избори, јас нема да бидам против“, соопшти Гаши.

Од Бихаќка велат дека не планираат да бидат и алиби за предвремени парламентарни избори. Според СДСМ, избори ќе има кога ќе снема пари во државната каса. Премиерот Мицкоски е за редовни избори за две години, но додава дека власта е подготвена, доколку се бара да има предвремени и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Смета дека опозицијата се крие, а на прес-конференции говори невистини и навреди, а кога имаат можност да се покажат на терен, едноставно бегаат.

 

Милчо Велески