Собрание

Не поминаа амандманите за Законот за судска служба

22.06.2026 17:17

Комисијата за политички систем не ги прифати амандманите на СДСМ и „Левица“ за Предлог-законот за судска служба. Министерот за правда, Филков, образложи дека тие не се усогласени со законските решенија за административните службеници. Опозицијата предупредува на нарушување на независноста на судската власт, додека власта смета дека предложените измени ќе придонесат за поефикасно и потранспарентно функционирање на судската и јавнообвинителската служба.

Не поминаа амандманите поднесени од СДСМ и „Левица“ за предлог законот за судска служба во Комисијата за политички систем. Министерство за правда Игор Филков ги одби со образложение дека не се усогласени со Законот за административни службеници, а немаат добиено ниту позитивно мислење од министерства за јавна администрација и од финансии во однос на системот за плати. Новите законски решенија предвидуваат современ систем за управување со судската и јавнообвинителската служба, со јасни и транспарентни правила за вработување, напредување и оценување, како и механизми за подобрување на професионалниот развој и мотивацијата на кадарот, вели министерот за правда.

Од опозицијата велат дека предложеното законско решение претставува сериозен удар врз независноста на судската власт и врз правата на судските службеници. Најголемиот проблем на законот според нив е што наместо судските службеници да се третираат како дел од судската власт, над 83 насто од вработените во судовите ќе бидат ставени под режимот на законот за административни службеници и со тоа под директна контрола на извршната власт.

Од парламентарното мнозинство пак велат дека амандманите треба да се групираат според областа што се предлага да се менува заради поефикасно функционирање на комисијата.

Расправата во комисијата по амандманите и за предлог законот за јавнообвинителска служба продолжува утре.

Игор Панов