Интеграции

Гаши на средби во Софија, Сиљановска со порака за пресудите

22.06.2026 17:58

Пресудите на Судот во Стразбур што се однесуваат на правата на Македонците во Бугарија мора да се почитуваат, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Во меѓувреме, претседателот на Собранието Африм Гаши престојува во Софија, каде покрај учеството на Тегионална конференција ќе оствари и средба со бугарски претставници...

Пресудите на судот во Стразбур, кои се однесуваат на човековите права на Македонците во Бугарија, мора да се испочитуваат, порача претседателката Сиљановска-Давкова. Вели, сите земји членки на Советот на Европа, вклучително и членките на Европската унија, мора да се однесуваат одговорно кон работата и пресудите на овој значаен суд. Овој став, Сиљановска го споделила и при последната посета на Софија.

Во Софија патува и претседателот на македонското собрание, Африм Гаши, кој ќе учествува на Конференцијата на процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа, а на маргините ќе се сретне со бугарската колешка, Михаела Милчева-Доцова, на нејзина иницијатива.

Гаши вели дека тема на средбата ќе биде меѓу парламентарната соработка меѓу Бугарија и Македонија и се надева дека во иднина ќе биде остварена подобра комуникација, која досега беше невозможна, поради како што вели, честите избори во Бугарија и покрај напорите на Македонија.

Треба да разговараме, да одиме напред и да најдеме начин како да бидеме заедно во Европската унија, да нè спојува иднината, а не минатото, истакна Гаши, нагласувајќи дека на средбата во Софија оди со позитивна намера да придонесе во подобрувањето на односите, но и дека македонската позиција останува непроменета. И премиерот Христијан Мицкоски неодамна ја потврди позицијата дека нема пазарење со македонскиот идентитет.

 

Марија Котовска