Барнам положи заклетва во парламентот по оставката на Стармер, Лабуристите го пречекаа со овации
Само неколку часа по најавеното повлекување на Кир Стармер од лидерската и премиерската функција, Енди Барнам положи заклетва како пратеник во британскиот парламент. Неговиот влез во Долниот дом беше проследен со силна поддршка од лабуристичките пратеници, додека во меѓувреме започнува процесот за избор на нов лидер на Лабуристичката партија.

Енди Барнам денеска положи заклетва како пратеник за Мејкерфилд во британскиот парламент, само неколку часа откако премиерот Кир Стармер објави оставка од функцијата лидер на Лабуристичката партија и од премиерската позиција.
Според британските медиуми, Барнам бил пречекан со овации од лабуристичките пратеници при неговото влегување во Долниот дом. Додека минувал низ салата, повеќепати се заблагодарувал на поддршката, насмевнувајќи се и поздравувајќи ги колегите. Од опозициските редови, пак, биле упатени и дофрлувања, на кои Барнам одговорил со хумор.
Покрај Барнам, заклетва положија и Даглас Ламсден, избран на дополнителните избори во Абердин Југ, како и Лара Берд од Шкотската национална партија.
Британските медиуми претходно објавија дека Стармер се соочувал со силен притисок од дел од лабуристичките пратеници да му отстапи место на Барнам. Доколку Лабуристичката партија избере нов лидер кој ќе ја преземе и владата, Велика Британија би можела да го добие својот седми премиер во последната деценија.
