Ребалансот на буџетот на владина седница
Прекроената државна каса на владина седница. Ќе има нагорна корекција на буџетскиот дефицит и на приходната страна, открија од Финансии. Министерката Димитриеска-Кочоска најави корекција на акцизата за речиси 1,5 милијарди денари.

Ребалансот на буџетот денес ќе се разгледува владина седница. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, најави дека ќе има нагорна корекција на буџетскиот дефицит поради зголемените потреби за финансирање на капитални инвестиции.
„Она што во овој момент можам да го кажам е дека ќе имаме одредена корекција на буџетскиот дефицит нагоре и првпат ќе имаме зголемување на буџетски дефицит како резултат на зголемени потреби за финансирање на капиталните расходи, односно за капиталните инвестиции, што мислам дека согласно Законот за буџети ги оправдува состојбите. А и во исто време имаме одредени корекции, на приходната страна во делот на акцизата заради мерките кои ги имавме во изминатиот период“, изјави вчера Димитриеска-Кочоска.
Генерално, појасни министерката за финансии, има зголемување на капиталните расходи за инфраструктура.
„Имаме, зголемени капитални расходи во делот на Министерството за животна средина, имаме околу одредени ИПА проекти, имаме зголемување за АА програмата, така што утре во детали ќе информираме точно која институција колку дополнителни средства има за капиталните расходи“, рече Димитриеска-Кочоска.
Прашана колку чинеа мерките за намалување на ДДВ-то и акцизите што траеја во изминатиот период, министерката рече дека акцизата треба да се коригира за околу 1,5 милијарди денари.
