Утре започнуваат 65. Струшки вечери на поезијата
Под мотото „Каде што живее поезијата“, утре во Струга започнува 65. издание на Струшките вечери на поезијата. На фестивалот ќе учествуваат околу 70 поети, книжевни критичари, преведувачи и литературни дејци од Македонија и од странство, а годинашни добитници на престижните признанија се холандската поетеса Анеке Брасинга и британскиот поет Даниел Хајндс.

Со учество на околу 70 поети, книжевни критичари, преведувачи и литературни дејци од земјава и од странство, утре во Струга започнува 65. издание на Струшките вечери на поезијата.
Годинашниот фестивал ќе се одржи под мотото „Каде што живее поезијата“, продолжувајќи ја традицијата на еден од најзначајните меѓународни книжевни настани во регионот.
Највисокото фестивалско признание, наградата „Златен венец“, годинава ќе ѝ биде доделена на холандската поетеса Анеке Брасинга, додека наградата „Мостови на Струга“ ќе му припадне на британскиот поет Даниел Хајндс.
Струшките вечери на поезијата се одржуваат под покровителство на Гордана Сиљановска-Давкова и со поддршка на Министерството за култура и туризам.
Од Министерството истакнуваат дека остануваат посветени на поддршката на културни манифестации кои го афирмираат македонското културно наследство и современото творештво, поттикнувајќи меѓународен културен дијалог и промоција на уметничките вредности. Струшките вечери на поезијата и годинава ја потврдуваат својата улога како значајна платформа за средба на поетски гласови од целиот свет.
