СП 2026

Меси испиша историја: Со два гола против Австрија ја однесе Аргентина во нокаут фазата

23.06.2026 11:54

Аргентина обезбеди пласман во нокаут фазата на Светското првенство со победа од 2-0 над Австрија, а во центарот на вниманието повторно беше Лионел Меси. Аргентинската ѕвезда ги постигна своите 17-ти и 18-ти голови на мундијалите, поставувајќи нов рекорд во историјата на натпреварувањето.

Лионел Меси продолжува да испишува фудбалска историја. Со два гола во победата на Аргентина од 2-0 над Австрија, Меси постави нов рекорд на светските првенства со вкупно 18 постигнати голови и ја одведе својата селекција во нокаут фазата.

Аргентинскиот капитен имаше можност уште во деветтата минута да се запише во листата на стрелците, но не реализираше пенал. Сепак, во 38. минута успеа да погоди по акција во која асистираше Тиаго Алмада, носејќи ѝ водство на својата репрезентација.

Во судиското продолжение Меси уште еднаш ја затресе мрежата на Австријците, откако неговиот прв удар беше одбранет, а одбиената топка ја претвори во погодок за конечни 2-0.

„Бев навистина лут што го промашив пеналот, но успеав да надоместам. Над сè, многу сум среќен за победата“, изјави Меси по натпреварот.

Со овој настап, аргентинскиот ас се издвои пред легендарниот германски напаѓач Мирослав Клосе, кој постигна 16 голови на светските првенства. Воедно, Меси им се придружи на Жист Фонтен и Жерзињо како единствени играчи кои постигнале голови на шест последователни натпревари на мундијалите.

Аргентина ја продолжи победничката серија на осум натпревари и со максимален ефект по две кола обезбеди место во елиминациската фаза. Во последното коло од групата ќе игра против Јордан, додека Австрија ќе се соочи со Алжир во борбата за пласман понатаму.