Нова фаза во преговорите
Вашингтон и Техеран ги продолжуваат разговорите во Швајцарија. Различно ги толкуваат досегашните резултати од преговорите.

По напредокот на техничките разговори меѓу САД и Иран во Швајцарија, двете страни се договорија за продолжување на преговорите преку формирање работни групи за санкциите, нуклеарното прашање и економската соработка. Американскиот потпретседател Венс потврди дека е постигнат договор за механизам за безбеден и стабилен Ормуски теснец, како и за зголемена транспарентност во врска со иранската нуклеарна програма.
„Иранците им дозволуваат на инспекторите за оружје, на нуклеарните инспектори влез во нивната земја за прв пат по долго време. Очигледно ќе ги зајакнеме тие инспекции за да бидеме сигурни дека никогаш нема да можат да имаат нуклеарно оружје“, изјави Џеј Д. Венс, потпретседател на САД.
Иран тврди дека не прифатил какви било нови обврски за нуклеарната програма и дека секој следен чекор во соработката со МААЕ ќе зависи од одлуките на државните институции и од практичните можности за спроведување инспекции. Во меѓувреме, САД привремено ги ублажија санкциите кон иранскиот енергетски сектор, додека Трамп предупреди дека Вашингтон ќе реагира доколку Техеран не ги почитува договорите.
„Преговараме. Ќе видиме како ќе оди, имаме две работи. Отворен теснец и земја која никогаш нема да има нуклеарно оружје, ама баш никогаш. Но ако Иран не го почитува својот договор или ако не се однесува добро, ќе го направам тоа, што морам да го направам“, нагласи американскиот претседател Доналд Трамп.
На иста линија и иранскиот претседател-вели – Ефикасноста на преговорите со Вашингтон ќе зависи од доследното спроведување на обврските.
„Напредокот во овој процес ќе се мери со конкретно почитување на договорените обврски. Изјавите што одат подалеку од договорениот текст не придонесуваат за напредокот на преговорите“, објави Масуд Пезешкијан, претседател на Иран.
Во истовреме тензиите во регионот остануваат високи по цврстиот став на Израел дека нема да се повлече од Либан, додека Техеран нема да се откаже од суверенитетот и територијалниот интегритет на Либан.
„Цврсто стојам дека ќе останеме во безбедносната зона во јужен Либан онолку долго колку што е потребно за да ги заштитиме жителите на север“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
„Нема да се откажеме од Територијалниот интегритет и националниот суверенитет на Либан. Се надевам дека во овие разговори ќе го решиме ова прашање и нема да попуштиме сè до конечното решение“, изјави Мохамад Багер Калибаф, преговарач на иранската делегација.
Хезболах се закани дека ќе одговори на секое израелско прекршување со еднакви мерки, иако според ОН примирјето главно се почитува. Во меѓувреме, во Вашингтон нова рунда преговори меѓу Израел и Либан, со посредство на САД, насочени кон стабилизирање на примирјето и постигнување поширок безбедносен договор.
Бојана Крстевски
