Навремена испорака

Јаневска: Сите ученици ќе ги добијат учебниците до 1 септември

23.06.2026 14:26

Трета година по ред учебниците ќе бидат навреме набавени и доставени до училиштата, уверува министерката за образование и наука Весна Јаневска. Таа најави дека испораката за учениците од четврто одделение и погорните класови ќе започне во наредните денови, додека новите комплети за прво до трето одделение веќе се доставени.

Сите ученици ќе ја започнат новата учебна година со обезбедени наставни помагала, порача министерката за образование и наука Весна Јаневска при посетата на Основното училиште „Љубен Лапе“ во општина Аеродром.

Заедно со премиерот Христијан Мицкоски и директорот на Педагошката служба Роберт Аџипетров, Јаневска ги претстави новите печатени учебници и изврши увид во реконструктивните активности во училиштето.

Министерката истакна дека ова е трета година по ред како Владата и Министерството за образование и наука обезбедуваат навремена набавка и испорака на учебници за сите ученици, оценувајќи дека конечно е воспоставен стабилен систем за нивно обезбедување.

Според неа, целосно нови комплети учебници за учениците од прво до трето одделение, во тираж од околу 250 илјади примероци, биле набавени и доставени уште во април. Притоа, во изминатите две години биле заштедени околу 45 милиони денари преку пониски цени за печатење.

Јаневска најави дека во наредните денови ќе започне испораката на учебниците за четврто и повисоките одделенија во основното и средното образование, вклучително и учебниците по странски јазици.

Исклучок ќе бидат учебниците за деветто одделение и трета година средно образование, каде согласно реформите во образовниот систем, следната година ќе се изработуваат нови наставни програми и нови учебници.

Директорот на Педагошката служба, Роберт Аџипетров, информираше дека годинава е забележан најголем поврат на средства по основ на оштетени или изгубени учебници, што, според него, покажува дека механизмите за поголема одговорност даваат резултати.

Сите печатени учебници се достапни и во електронска форма преку платформата на Министерството за образование и наука.