Преговори

Вашингтон и Техеран со различни пораки за постигнатиот напредок

23.06.2026 16:36

САД и Иран со нова фаза преговори, но без единствен став за тоа што е постигнато досега. Вашингтон зборува за ублажување на санкциите, засилени инспекции на МААЕ и поголема транспарентност во нуклеарната програма, додека Техеран ги демантира таквите толкувања и инсистира дека нема нови обврски.

Во ек на мировните преговори меѓу САД и Иран и договорот за нова фаза од разговорите, Вашингтон и Техеран со различни пораки за постигнатиот напредок. САД ги ублажуваат санкциите кон иранскиот енергетски сектор, дозволуваат користење на замрзнати средства исклучиво за американски земјоделски производи и зборуваат за поголема транспарентност и засилени инспекции на МААЕ.

„Иранците им дозволуваат на инспекторите за оружје, на нуклеарните инспектори влез во нивната земја за прв пат по долго време. Очигледно ќе ги зајакнеме тие инспекции за да бидеме сигурни дека никогаш нема да можат да имаат нуклеарно оружје“, изјави Џеј Д. Венс, потпретседател на САД.

Техеран, пак, ги демантира овие тврдења, нагласувајќи дека не се преземени нови обврски за нуклеарната програма, потенцирајќи дека секоја идна соработка со МААЕ ќе зависи од одлуките на државните институции. Ги отфрлаат и американските изјави за начинот на користење на замрзнатите средства.

„Во моментов не постои „јасен распоред“ што би им овозможил на инспекторите на МААЕ да ги проверат иранските нуклеарни постројки што се цел на САД и Израел, ниту пак, се соочуваме со ограничувања за тоа како се насочуваат овие средства. Нашите средства ќе се користат со апсолутна слобода“, изјави Есмаил Багаи, портпарол на Министерството за надворешни работи на Иран.

Вашингтон ќе реагира доколку Техеран не ги почитува договорите-предупредува Трамп. Ефикасноста на преговорите со САД ќе зависи од доследното спроведување на обврските-возвраќа неговиот ирански колега.

„Ако Иран не го почитува својот договор или ако не се однесува добро, ќе го направам тоа, што морам да го направам“, рече Доналд Трамп, претседател на САД.

„Изјавите што одат подалеку од договорениот текст не придонесуваат за напредокот на преговорите“, објави Масуд Пезешкијан, претседател на Иран.

Во меѓувреме, на средби во Мускат, Иран и Оман постигнаа нови договори за управување со Ормускиот теснец.

„Следејќи ги сите меѓународни закони, Ормускиот теснец ќе биде управуван со ирански механизми и од Иран“, изјави Мохамад Багер Калибаф, преговарач на иранската делегација.

Во истовреме тензиите во регионот остануваат високи по цврстиот став на Израел дека нема да се повлече од Либан, додека Техеран потенцира дека тоа останува клучно.

„Цврсто стојам дека ќе останеме во безбедносната зона во јужен Либан онолку долго колку што е потребно за да ги заштитиме жителите на север“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Хезболах се заканува со одговор на секое израелско прекршување, додека во Вашингтон течат нови преговори меѓу Израел и Либан со посредство на САД за стабилизирање на примирјето.

Бојана Крстевски