Македонија

Државната ревизија алармира: Наплатените придонеси не го покриваат дефицитот во пензискиот систем

23.06.2026 12:54

Приходите од придонеси за пензиско и инвалидско осигурување бележат раст, но и натаму не се доволни за покривање на расходите за пензии, покажува ревизијата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за 2024 година. Државниот завод за ревизија изрази неповолно мислење за финансиските извештаи и предупреди на низа системски слабости во работењето на Фондот.

Наплатените придонеси за пензиско и инвалидско осигурување и натаму не се доволни за покривање на дефицитот во пензискиот систем, поради што Фондот за пензиско и инвалидско осигурување значително зависи од трансфери од државниот Буџет, покажува ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија за 2024 година.

Ревизорите изразиле неповолно мислење за вистинитото и објективно прикажување на финансиската состојба на Фондот, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со законската регулатива и воспоставените политики.

Според извештајот, приходите од придонеси за ПИО во 2024 година изнесувале 71,4 милијарди денари и се зголемени за 14 проценти во однос на претходната година. Сепак, расходите за исплата на пензии достигнале над 90,2 милијарди денари, што ја одржува потребата од буџетска поддршка. Трансферите од државниот Буџет учествувале со 36,71 проценти во вкупните приходи на Фондот.

Ревизијата покажува дека на крајот на 2024 година во државата имало 556.294 осигуреници и 343.048 пензионери, при што соодносот изнесувал 1 пензионер на 1,63 осигуреници, што претставува влошување во однос на одржливоста на системот.

Дополнително, ревизорите утврдиле доцнење во префрлањето на средствата кон вториот пензиски столб. Заклучно со февруари 2026 година бил евидентиран долг од околу 2,6 милијарди денари по основ на нераспределени придонеси кон приватните пензиски друштва.

Утврдено е и доцнење во уплатата на придонесите за здравствено осигурување на пензионерите, при што неисплатените обврски за периодот од јуни 2025 до јануари 2026 година достигнале 8,4 милијарди денари или околу 136,4 милиони евра.

Извештајот нотира и недостиг на стручен кадар, слабости во евиденцијата на имотот, пописите, јавните набавки и управувањето со дел од средствата и имотот на Фондот. За надминување на утврдените состојби, Државниот завод за ревизија доставил препораки до надлежните институции.