Девет пријави за семејно насилство за едно деноноќие, четири лица приведени
Во изминатите 24 часа полицијата евидентирала девет случаи на семејно насилство низ државата. Четири лица се лишени од слобода, со две се извршени службени разговори, а во повеќе случаи се пријавени физички напади, закани и психичко малтретирање меѓу членови на семејства и партнери.

Полицијата во текот на изминатото деноноќие постапувала по вкупно девет пријави за семејно насилство на подрачјата на Скопје, Дебар, Тетово, Штип, Кочани, Кавадарци и Куманово.
Во Скопје, 37-годишна жена пријавила дека нејзиниот сопруг, со кого била во бракоразводна постапка, ѝ упатувал закани. Во друг случај, полициски службеници извршиле службен разговор со 43-годишен скопјанец по пријава дека физички ја нападнал својата вонбрачна партнерка. Пријавен е и случај на психичко малтретирање на 59-годишен маж од неговиот татко.
Во Дебар е приведен 34-годишник поради пријава дека физички ја нападнал својата вонбрачна партнерка, додека во Тетово 44-годишна жена побарала лекарска помош откако, според пријавата, била физички нападната од својот вонбрачен партнер.
Во Штип полицијата привела 40-годишен маж поради физички напад врз неговата сопруга, а во Кавадарци е лишен од слобода 52-годишник кој, според пријавата, му се заканувал и физички го нападнал својот внук.
Во Куманово, пак, приведен е 33-годишен маж поради агресивно однесување и физички напад врз неговите родители.
Службен разговор е извршен и со 20-годишно лице од Кочани по пријава од неговиот дедо дека бил физички нападнат и му биле упатени закани.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на сите случаи, по што против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.
