Мицкоски не очекува позитивен развој во односите со источниот сосед
Нови тензии меѓу Скопје и Софија откако беше објавена дипломатска нота поврзана со патувањето на сопругата и синот на премиерот Христијан Мицкоски во Бугарија. Премиерот случајот го оцени како закана за безбедноста на неговото семејство и најави дека за него ги информирал партнерите во НАТО.

Нови превирања меѓу Скопје и Софија. Објавена дипломатска нота за неколкудневното патување на сопругата и помладиот син на премиерот Мицкоски во Пампорово. Ова е преседан за дипломатија-коментира шефот на владата, кој за ова ги информирал партнерите во НАТО, оти смета дека тоа е закана за безбедноста на неговото семејство. После овој настан, Мицкоски не е оптимист за подобрување на македонско-бугарските односи.
Шефот на владата очекува земјава и натаму да го задржи водечкото место во исполнувањето на реформската агенда. Уверува оти до крајниот рок потребните закони ќе бидат изгласани во Собранието, при крај е и изработката на Изборниот законик.
Реконструкцијата на владиниот кабинет е во својот финиш. До крајот на неделата ќе се знае кои министри ќе ја напуштат „Илинденска“, а кои ќе седнат на нивните фотелји. Премиерот не открива други детали освен дека разговорите со коалициските партнери се одвиваат во пријатна атмосфера.
Викторија Милевска
