Свет

Топлотен бран ја погоди Западна Европа

23.06.2026 19:43

Екстремен топлотен бран ја зафати Западна Европа, носејќи рекордни температури и трагични последици. Во Франција најмалку 40 лица загинале барајќи разладување во вода, а две деца починале откако останале затворени во автомобил на силно сонце. Поради жештините, стотици училишта се затворени, додека властите во повеќе европски земји воведуваат вонредни мерки и црвени аларми.

Западна Европа е погодена од екстремен топлотен бран со рекордни температури и сериозни нарушувања. Во Франција има најмалку 40 жртви кои спасот од жештините го барале во капење, но се удавиле. Половина од земјата е под црвена тревога, додека во Париз се измерени 44 степени целзиусови.

Трагично починаа и две деца на возраст од 2 и 4 години во југоисточниот град Карпентрас. Според обвинителството, нивната мајка ги пронашла без свест во автомобил на директна сончева светлина. Итната служба безуспешно се обидела да ги реанимира.

„Мајката ни кажува дека децата влегле во автомобилот без таа да знае и се заклучиле внатре, а потоа ги заборавила. Секако, ова е првична изјава. Ќе ја продолжиме истрагата за оваа трагедија“, изјави Бруно Барточети, синдикат на полицијата УНИТЕ.

„Причините за смртта се неутврдени, но топлотниот бран е водечка теорија“, изјави Елен Мургес, обвинителка во Карпентрас.

Топлотниот бран продолжува да го нарушува и работењето на образовните институции. Соочени со температури во училниците кои понекогаш се неподносливи, околу 800 основни и средни училишта се целосно затворени.

„Во моментов е 38 степени. Тоа е повисоко од телесната температура. Значи, во одреден момент, едноставно не можете повеќе да издржите. Тоа е очигледно“, изјави Силвен Жигон, директор на основното училиште „Клод-Бернар“.

Црвен аларм и мерки се воведени и во Шпанија, Белгија, Германија и Италија. Се очекува жештината да продолжи и во наредните денови, со ризик од нови рекорди и дополнителни последици.

Светската метеоролошка организација покажа дека Европа се затоплува повеќе од двојно побрзо од глобалната стапка.

Катерина Бојаџиева