Криза со кадар на Детска клиника
Недостигот на медицински сестри и друг здравствен кадар предизвика реорганизација на работата на Клиниката за детски болести. Одделот за имунологија е споен со пулмологија како привремена мерка, додека директорот предупредува дека без нови вработувања ќе биде загрозено нормалното функционирање.

Од петок на Клиниката за детски болести не функционира Одделот за имунологија. Како што информира директорот на клиниката, со главната сестра не можеле да организираат сменска работа на овој оддел поради недостиг на кадар, па Одделот за имунологија е споен со Одделот за пулмологија. Тој вели пациенти не се враќаат, ова е привремено решение.
Педесет договорци на дело, од кои половина медицински сестри не одат на работа, откако Министерството за финансии не даде пари за нив. Ако не се реши проблемот со кадар, ќе биде доведена во прашање одржливоста на клиниката.
Во здравството не може штотуку вработен да се пушти самостојно да извршува задачи додека не помине обука. Да се смени сестра што заминува во пензија, потребни се време и работа.
Според министерката за финансии, од Клиниката не се дадени податоците како што треба, а од нивна страна согласност за вработување за лекари и медицински сестри секогаш била давана.
Во последното барање од 50 лица со договор на дело, половина биле здравствени работници. На Клиниката за детски болести годишно се прегледуваат 70.000 деца, 7.000 болнички се лекуваат.
Стапката на смртност на хоспитализираните пациенти во првиот квартал годинава е намален за двапати, во споредба со истиот период лани.
Наташа Јанчиќ-Менковски
