Финансии

Владата го усвои ребалансот на буџетот

23.06.2026 18:41

Во прекроената државна каса, за 94 милиони евра потешко купчето за капитални инвестиции. Буџетскиот дефицит се зголемува на 4,1% од БДП. Опозицијата со став, недостиг на пари и нови задолжувања.

Повеќе пари за капитални инвестиции, инфраструктура и поддршка на граѓаните во услови на економска и геополитичка неизвесност. Владата го усвои ребалансот на буџетот. Од финансии велат, економијата и натаму одржува позитивна динамика. Во првиот квартал економскиот раст изнесува 3,1 процест, а проекцијата за целата година е 3,5 насто. Главен двигател според власта ќе бидат инвестициите и инфраструктурните проекти.

Вкупните расходи се ревидираат на 425,2 милијарди денари. Најголемо зголемување има кај капиталните инвестиции, кои достигнуваат околу 46 милијарди денари – или 14,5 проценти повеќе од првично планираното. Во прекроената државна каса корекција има и на буџетскиот дефицит- 4,1 процент од БДП.

Продолжуваат инвестициите во коридорите 8 и 10-д, автопатот Скопје – Блаце, железничката делница Бељаковце – Крива Паланка, како и во локални патишта, водоводи, канализации, училишта, градинки и спортски објекти низ општините.

Социјалдемократите веќе излегоа со критика. Според нив, зголемувањето на буџетскиот дефицит е доказ дека буџетот е празен и поради тоа се доведуваат во ризик платите и пензиите.

За да стапи во сила ребалансот, мора да го помине собранискиот филтер.

Анита Димитријевска – Велковска