Очевидци на автобуската несреќа: Автобусот возеше пребрзо

23.09.2014 17:24

Околу 6 часот изутрината автобус на ЈСП 67 кој сообраќа од Зелениково до Транспортниот центар се преврте на драчевскиот пат, во паркот на пензионерите...

Сликата на местото на несреќата беше стравична. Автобусот превртен, патниците повредени. Во паркот беа расфрлани предметите што ги носеле. Големото возило со себе зафатило и клупа и дрво. Ги откорнало. Жителите од околината сведочат дека слушнале силен тресок.

„Имаше удар, кога излеговме да видиме автобусот веќе беше превртен. Имаше луѓе излезено од автобусот, кршеа стакла и имаше повредени.“

„Само пискање, ништо друго.“

„Случнав трескање, шкрипење на плехови и друго ништо не можев да видам.“

„Рекоа овде дека автобусот од Студеничани брзо возел и се тумбал овде“, велат очевидци на несреќата.

Полицијата ги истражуваше причините. Лизгав коловоз , неисправност на автобусот или брзо возење – точниот одговор ќе го даде истрагата.

„Од страна на СВР Скопје излезено е на лице место, извршен е увид и се работи на утврдување на причините за сообраќајната незгода“, рече Лиза Бендевска, портпарол на СВР Скопје.

Доказите се во рацете на обвинителството.

Директорот на скопското јавно сообраќајно претпријатие Николов вели дека ги чека деталите од увидот.Тврди дека автобусот технички бил исправен, за што има и документација.

„Во секој случај едно стои дека возачот имал неприлагодена брзина, возел околу 70 километри на час, што значи дека ја пречекорил брзината, но сепак истрагата ќе ги каже деталите“, рече Мишо Николов, директор на ЈСП.

По несреќата, сообраќајот од едната коловозна лента беше пренасочен.

Наташа Гркова-Петрушевска