Струшки вечери на поезијата

„Венценосци: разговори на брегот“ пред читателите во Струга

24.06.2026 19:56

На 65-то издание на Струшките вечери на поезијата, на 25 јуни (четврток), со почеток во 18:00 часот, во Europe House во Струга ќе биде промовирана книгата „Венценосци: разговори на брегот“ од новинарот, публицист и директор на Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул, Диме Ратајкоски.

Во рамките на програмата на 65-то издание на Струшките вечери на поезијата, на 25 јуни (четврток), со почеток во 18:00 часот, во Europe House во Струга ќе биде промовирана книгата „Венценосци: разговори на брегот“ од новинарот, публицист и директор на Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул, Диме Ратајкоски.

Станува збор за книга која на едно место собира разговори со дел од најзначајните поетски имиња на денешницата, реализирани во рамките на Струшките вечери на поезијата за потребите на Македонската радио-телевизија. Изданието претставува своевидна хроника на фестивалот низ разговорите со неговите лауреати и гости-поети, но и вреден документ за местото што Струга го има на светската поетска мапа.

Во „Венценосци“ се собрани разговори со дел од најзначајните поетски и книжевни гласови на нашето време, лауреатите Монгани Вали Сероте (Јужна Африка), Хосе Емилио Пачеко (Мексико), Ко Ун (Јужна Кореја), Маргарет Атвуд (Канада), Беи Дао (Кина), Чарлс Симиќ (САД) и Адам Загајевски (Полска), како и разговори со истакнатите светски поети: Хасан Зактан (Палестина), Дуо Дуо (Кина), Јусеф Комуњака (САД), Ласе Содерберг (Шведска), Александар Шурбанов (Бугарија), Хабиб Тангур (Алжир) и Душко Новаковиќ (Србија).

Низ овие интервјуа се отвораат теми поврзани со улогата на поезијата во современиот свет, односот меѓу литературата и општеството, прашањата за идентитетот, јазикот, егзилот, меморијата, слободата на творењето и одговорноста на зборот.

Промотор на изданието е уметничкиот директор на фестивалот Мите Стефоски.

Промоцијата е отворена за јавноста, а организаторите ги покануваат сите љубители на литературата и поезијата да присуствуваат на настанот и да бидат дел од разговорот посветен на поетските гласови кои го обележаа современото светско книжевно творештво.