САД и Иран во спор околу инспекциите на МААЕ
САД инсистираат дека процесот за Либан и преговорите околу Иран се целосно одвоени, и покрај обидите на Техеран да ги поврзе прашањата.

Блискиот Исток останува во фокусот на дипломатските напори, додека во Вашингтон се одржуваат разговори меѓу израелската и либанската делегација. САД инсистираат дека процесот за Либан и преговорите околу Иран се целосно одвоени, и покрај обидите на Техеран да ги поврзе прашањата.
„Тој процес е одделен. Одделен е бидејќи Либан е суверена земја. Ќе разговараме и ќе соработуваме директно со либанската влада“, изјави Марко Рубио – државен секретар на САД.
Истовремено Израел разгледува делумно повлекување од јужен Либан, додека САД и Иран остануваат во спор околу нуклеарните инспекции. Трамп повторно тврди дека Иран се согласил на засилен надзор, што Техеран го негира.
„Тие грешат. Тие знаат дека грешат. Имаме 100 проценти инспекции. Ако беа во право, веднаш би ги прекинал разговорите. Инспекторите ќе бидат на терен во соодветно време“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Иран и Пакистан порачуваат дека иранската ракетна програма не е дел од ниту еден договор со САД. ОН најавија евакуација на над 11 илјади морнари од Ормускиот теснец, додека американскиот Сенат усвои резолуција за деескалација на конфликтот со Иран.
