Дипломатски напори и тензии на Блискиот Исток
Блискиот Исток и натаму останува жариште на дипломатски активности. Продолжуваат разговорите меѓу САД, Иран, Израел и Либан, додека нуклеарните инспекции и безбедносните прашања остануваат во фокусот.

Блискиот Исток останува во фокусот на дипломатските напори и безбедносните тензии, додека петтата рунда разговори меѓу израелската и либанската делегација се одржува во Вашингтон. И покрај обидите Техеран да ги поврзе прашањата, американскиот државен секретар, кој е во турнеја низ земјите од Заливот со цел да ги ублажи загриженостите околу договорот со Иран, порача дека станува збор за два одвоени процеси.
„Тој процес е одделен. Одделен е бидејќи Либан е суверена земја. Ќе разговараме и ќе соработуваме директно со либанската влада“, изјави Марко Рубио -државен секретар на САД.
Во исто време, Израел размислува за делумно повлекување на силите од јужен Либан, додека САД и Иран остануваат во спор околу потенцијалните нуклеарни инспекции. Трамп тврди дека се работи на „фер договор“ и дека процесот веќе придонесува за стабилизација на регионот и подобри енергетски текови.
„Работиме на фер договор со Иран. Иран никогаш нема да има нуклеарно оружје и тие се согласија на тоа. Сега се обидуваме да постигнеме договор што е праведен за сите страни.“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
И покрај негирањата од Техеран, Трамп повторува дека Иран се согласил на засилен нуклеарен надзор, во спротивно, разговорите би биле прекинати. Потврда за инспекциите доаѓа и од Меѓународната агенција за атомска енергија, која најавува нивна скорешна реализација.
„Можам да ги разберам политичките изјави, но главното нешто е Меморандумот за разбирање, кој го потпишаа двајцата претседатели. Во него јасно се наведува дека нуклеарните активности ќе бидат под надзор на МААЕ. Инспекцијата ќе се случи – утре, задутре, за една недела или десет дена“, изјави Рафаел Гроси – директор на МААЕ.
Иран и Пакистан од Исламабад порачаа дека иранската ракетна програма не е дел од ниту еден договор со САД и нема да биде предмет на преговори.
„Нашата ракетна програма не беше вклучена во меморандумот и нема да биде. Ако не беа нашите одбранбени капацитети, Иран ќе беше изложен на уништување. Нема да преговараме за тоа.“, изјави Масуд Пезешкијан – претседател на Иран.
Во меѓувреме, ООН најавија операција за евакуација на над 11 илјади морнари заглавени во Ормускиот теснец, во рамки на координиран план со земјите од регионот и меѓународните партнери.
„Операцијата претставува значаен чекор кон ублажување на хуманитарното влијание врз илјадници морнари кои со месеци се соочуваат со неизвесност и ограничено движење“, изјави Стефан Дужарик – портпарол на ОН.
Истовремено, по неколкумесечни обиди, американскиот Сенат усвои резолуција со која се повикува претседателот Трамп да ја запре воената акција против Иран. Иако мерката е претежно симболична, таа се оценува како политички притисок и знак на продлабочени поделби во Вашингтон.
Бојана Крстевски
