Официјално ќе биде претставена „Везилка“ – Национална фабрика за вештачка интелигенција
Факултетот за компјутерски науки и инженерство (ФИНКИ) денеска официјално ќе ја претстави „Везилка“ – Националната фабрика за вештачка интелигенција, проект што се реализира во соработка со Министерството за дигитална трансформација и со поддршка од Европската Унија.

Националната фабрика за вештачка интелигенција „Везилка“ денеска ќе биде официјално претставена на настан организиран од Факултетот за компјутерски науки и инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Проектот е воспоставен во рамките на Европската заедница за пресметување со високи перформанси (EuroHPC JU) и е кофинансиран од Европската Унија преку програмата „Хоризонт Европа“.
Според организаторите, преку партнерство со грчката фабрика за вештачка интелигенција „Pharos“, „Везилка“ ќе ја вклучи Северна Македонија во европскиот екосистем за развој на вештачка интелигенција и ќе придонесе за развој на технологии засновани на доверливост, иновации и општествена одговорност.
Иницијативата има за цел развој на ресурси и збирки податоци на македонски јазик, поддршка на дигиталната трансформација, поттикнување на иновациите и зајакнување на соработката меѓу институциите, академската заедница и бизнис-секторот.
На настанот се најавени обраќања на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, амбасадорот на Европската Унија во земјава Михалис Рокас, ректорката на УКИМ Биљана Ангелова, деканот на ФИНКИ Петре Ламески и раководителот на проектот Димитар Трајанов. По презентацијата ќе се одржи и панел-дискусија на тема „Вештачката интелигенција како мотор за економски развој“.
Настанот може да го следите во живо на МРТ1 со почеток од 11:55.
