Тошковски: Интерпелацијата е обид да се закочи борбата против криминалот и корупцијата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оцени дека интерпелацијата поднесена од Левица против него претставува евтин политички обид за попречување на процесите за расчистување со криминалот и корупцијата. Тој најави дека ќе ги соочи аргументите на собраниската расправа.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски смета дека интерпелацијата што Левица ја поднесе против него е политички мотивиран потег со цел да се закочи борбата против криминалот и корупцијата.
Во објава на социјалните мрежи, Тошковски посочи дека ова е трета интерпелација против него за помалку од две години и оцени дека Левица, „свесно или несвесно“, станува најкорисен сојузник на СДСМ и ДУИ.
Тој нагласи дека интерпелацијата е легитимно демократско право на опозицијата и порача дека нема да избегнува расправа во Собранието.
„Ниту сум бегал, ниту ќе бегам од расправа. Аргументите ќе ги соочам јавно, пред пратениците и граѓаните“, истакна Тошковски.
Министерот оцени дека целта на иницијативата не е грижа за државата, туку политички обид да се попречи, како што наведе, расчистувањето со корупцијата и долгогодишната неказнивост.
Тој порача дека ќе продолжи да работи и да се бори со аргументи и резултати, додавајќи дека конечната оценка за неговата работа ќе ја дадат граѓаните.
