Инфантино: Паузите за вода на СП 2026 се воведени за еднакви услови за сите репрезентации
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, изјави дека паузите за вода на сите натпревари од Светското првенство 2026 се воведени поради високите температури и потребата сите селекции да имаат еднакви услови за игра.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, објасни дека одлуката за воведување паузи за вода на сите натпревари од Светското првенство 2026 е донесена пред сè поради високите температури и за да се обезбедат еднакви услови за сите репрезентации.
Во изјава за американски медиуми, Инфантино нагласи дека турнирот трае 39 дена, а некои селекции можат да одиграат и до осум натпревари, поради што краткиот одмор за фудбалерите е важен фактор.
Тој посочи дека ФИФА сакала да избегне ситуации во кои временските услови би му дале предност на еден тренер во однос на друг, овозможувајќи му дополнителни тактички прилагодувања само поради повисоките температури.
Инфантино отфрли дека мерката има финансиска позадина, нагласувајќи дека сите комерцијални договори за турнирот веќе се потпишани и дека станува збор исклучиво за спортско прашање.
Паузите за освежување се одржуваат во 22. и 67. минута од натпреварите и траат по три минути, а времето се надоместува со продолжение на крајот од полувремињата. Оваа практика за првпат се применува на едно Светско првенство.
Дел од селекторите, сепак, изразија незадоволство од новото правило, оценувајќи дека паузите значително го менуваат ритамот и текот на натпреварите.
