Јаневска: Од катаклизма до напредок – образованието и науката забрзано се развиваат
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на отчетот за двегодишната работа на Министерството порача дека е запрен падот во образованието и науката, а реализирани се бројни реформи, инвестиции и мерки за подобрување на условите за учениците, студентите и наставниот кадар.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, оцени дека по затекнатата „катаклизма“ пред две години, образовниот систем денес бележи значителен напредок благодарение на спроведените реформи и инвестиции.
На прес-конференција во Владата, Јаневска истакна дека третта година по ред сите ученици ќе ги добијат учебниците на 1 септември, зголемени се стипендиите, унапредено е стручното и дуалното образование, а поддршката за учениците со посебни образовни потреби е проширена со ангажирање на 1.350 образовни асистенти во основното и 150 во средното образование.
Таа посочи дека во образовната инфраструктура се инвестирани околу 70 милиони евра во повеќе од 90 проекти, меѓу кои изградба и реконструкција на училишта, спортски сали и студентски домови.
Според Јаневска, платите на наставниците во изминатите две години се зголемени за над 20 проценти, додека буџетот за универзитетите и науката е значително зголемен. Таа нагласи и дека во 2025 година биле обезбедени над 370 милиони денари за научно-истражувачки проекти од национален интерес.
Министерката информираше дека Министерството во 2024 година наследило долгови од околу пет милијарди денари, кои во меѓувреме биле сервисирани за да се обезбеди стабилно функционирање на образовниот систем.
„Запревме слободен пад и сега веќе Македонија забрзува. Образованието и науката се столб на развојот и остануваме посветени на реформите“, порача Јаневска.
