Македонија

Од семејно до врсничко насилство

24.06.2026 19:06

Врсничкото насилство не започнува во училишниот двор, туку често има корени во семејството. Проект на Министерството за образование и наука и Комората на психолози има за цел да ги обучи стручните служби во училиштата, навремено да ги препознаат ризичните сигнали.

„Децата не се раѓаат насилни, тоа е нешто што го учат од возрасните, првично од дома. Затоа стручните служби во училиштата мора да знаат да ја детектираат појавата“, порачаа од Комората на психолози обучувајќи педагози, социјалните работници, наставниците во североисточниот регион. Иницијативата на министерството за образование и наука, треба да го спречи врсничкото насилство во училишните клупи.

„Суптилни се некогаш знаците и е добро да бидат добро обучени сите во училиштата да можат да препознаат дали на некое дете му се случува нешто посебно коешто му влијае на неговото ментално здравје, да е повлечено, агресивно односно каква било промена во однесувањето“, изјави Емилија Бошковска, Комора на психолози.

Проектот кој ќе трае речиси една година, ќе ги опфати над 250-те основни училишта во државата. Министерката за образование презентирајќи го отчетот за двегодишната работа потенцираше дека ќе продолжи да се работи на оваа кампања.

„Спроведовме кампања магијата е во знаењето за поддршка на наставниците, истакнувајќи и зајакнување на нивната улога во општеството, а пред неколку дена започнавме нова за нив и стручните соработници за подигање на компетенции за препознавање на семејно насилство, преку однесување на учениците и стопирање на трансформација од семејно во врсничко насилство“, нагласи министерката за образование, Јаневска.

МОН и во иднина ќе работи на подобрување на квалитетот на образование, условите за работа, наставниот кадар. Реализирани бројни реформи, поддршка за талентирани ученици, ученици со попреченост, студенти. Во образовната инфраструктура инвестирани се околу 70 милиони евра.

Елена Георгиевска