ПИОМ: Фондот е стабилен, пензионерите немаат причина за грижа
Граѓаните немаат причина за загриженост за финансиската состојба на Пензискиот фонд, уверува директорот на ПИОМ, Никола Мемов. Според него, забелешките во ревизорскиот извештај се однесуваат на наследени системски слабости и на периодот кога Фондот бил раководен од претходното раководство...

Граѓаните да не стравуваат за финансиската стабилност на Фондот. Последниот извештај на ревизорите е само еден во низата години наназад, што укажува на наследени системски слабости, вели за МТВ директорот на Пензискиот фонд Никола Мемов. Тој посочува дека се однесува на трите квартали од 2024 година кога со Фондот управувале раководители назначени од претходната власт.
За прашањата поврзани со обврските кон Фондот за здравствено осигурување и трансферите кон пензиските друштва од вториот столб првиот човек на ПИОМ, нагласува дека зголемените обврски се директен резултат на повисоките пензии и подобриот животен стандард на пензионерите, а не последица на нарушена финансиска стабилност или нефункционирање на системот.
Исплатите по овие основи зависат од висината на средства обезбедени во буџетот на ПИОМ и реализацијата на овие стапки во буџетот на фондот за 2024 година изнесува 82,24 проценти за ФЗО и 92,95 проценти за вториот столб. Фондот на ПИОМ смета дека најважно е што во ниту еден момент не е доведено во прашање здравственото осигурување на пензионерите.
Фиљана Кока
