Нето надворешниот долг достигна 4,8 милијарди евра на крајот од првиот квартал
Нето надворешниот долг на државата на крајот на март годинава изнесувал 4,804 милијарди евра или 26,2 проценти од проектираниот БДП, што претставува квартално зголемување од 218 милиони евра, соопшти Народната банка.

Нето надворешниот долг на земјава на 31 март 2026 година изнесувал 4,804 милијарди евра или 26,2 проценти од проектираниот бруто домашен производ (БДП), при што во однос на претходниот квартал е зголемен за 218 милиони евра или 4,8 проценти, информираше Народната банка.
Според податоците, растот на нето надворешниот долг е резултат на побрзото зголемување на бруто надворешниот долг во однос на растот на бруто надворешните побарувања. Во структурата на нето долгот, приватниот сектор учествува со 68 проценти.
На крајот на првиот квартал, бруто надворешниот долг достигнал 12,943 милијарди евра, што претставува 70,5 проценти од проектираниот БДП и квартално зголемување од 742 милиони евра. Истовремено, бруто надворешните побарувања пораснале за 523 милиони евра и изнесувале 8,139 милијарди евра.
Од Народната банка посочуваат дека зголемувањето на јавниот надворешен долг главно се должи на новата емисија еврообврзници, додека кај приватниот сектор раст е забележан кај капитално поврзаните субјекти, банките и небанкарскиот сектор.
Воедно, негативната нето меѓународна инвестициска позиција на крајот од март достигнала 9,009 милијарди евра или 49,1 проценти од проектираниот БДП, што е за 259 милиони евра повеќе во однос на претходниот квартал.
Според Народната банка, најголемиот дел од негативната меѓународна инвестициска позиција, односно 96 проценти, се однесува на нето-обврски врз основа на директни инвестиции.
