„Везилка“ ја позиционира Македонија во европската мрежа за вештачка интелигенција
Со проектот „Везилка“, Македонија прави значаен чекор во дигиталната трансформација и се вклучува во европската мрежа за вештачка интелигенција. Според премиерот Христијан Мицкоски, проектот ќе овозможи пристап до напредни технологии, податоци и ресурси за компаниите, истражувачите и институциите.

Националната фабрика за вештачка интелигенција ја позиционира Македонија во активен дел од европската мрежа. Тоа е голем исчекор во дигиталната сувереност и јасна определба државата да биде дел од процесите кои го обликуваат светот-посочи претседателот на Владата Христијан Мицкоски. Преку проектот „Везилка“, Македонија ќе добие пристап до напредни алатки, податочни простори и ресурси за компаниите истражувачите и институциите, а идната конкурентност на државите ќе зависи од нивната способност да инвестираат во иновации, истражување и таленти-дециден е премиерот.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски истакна дека се поставени темелите на создавање решенија базирани на вештачката интелигенција кои ќе бидат во функција на јавниот интерес. Тој истакна дека овој центар ќе има клучна улога во создавањето на дигитална база што ќе овозможи македонскиот јазик да биде застапен во современата технологија.
Везилка има партнерство со грчката фабрика ФАРОС а со тоа пристап до европската мрежа. Целта е да се овозможи пристап до податоци и знаења во областа на здравството, образованието, енергетиката, економијата, културата.
Заедничкиот проект на Владата, факултетите и ЕУ чини 6,5 милиони евра. Во меѓувреме Министерството за дигитална трансформација работи на закон за вештачка интелигенција кој ќе ги постави етичките и моралните стандарди и правила за примена.
Марина Стојанова-Тонева
