Амандманска расправа за Предлог-законот за игри на среќа
Речиси 50 амандмани се поднесени за Предлог-законот за игри на среќа. Опозицијата бара дополнителни механизми за надзор и заштита на младите, додека Владата уверува дека новото решение носи построги правила за секторот.

Во Собранието, амандманска расправа по Предлог-законот за игри на среќа. Поднесени речиси 50 амандмани главно со забелешки од опозицијата за новото решение.
Дел од барањата-формирање на посебна комисија која би вршела стручен надзор како се имплементираат предложените решенија. Целта е, велат, да се спречат младите да посегнат кон овој порок.
Од власта согласни дека треба да се разговара на вакви теми, за да се подобри текстот и треба да се вклучат повеќе релевантни институции.
Од Левица со амандман побараа забрана за рекламирањето на коцкарниците и обложувалниците. Од Министерството за финансии возвраќаат дека новините предвидуваат во голем дел тоа да биде укинато.
Од здружението „Сакам да работам“ незадоволни од предлог-законот, бидејќи како што велат, тоа ќе значи затворање на коцкарниците и губење на 10.000 работни места.
Владата, пак, предлага нов Закон за игри на среќа со кој се предвидуваат забрани за рекламирање, коцкарници на минимум 500 метри од училишта и засилена борба против нелегално онлајн коцкање.
Конечниот збор за законот го имаат пратениците на пленарна седница.
Викторија Милевска
