Енергетика

Божиновска: Реформската агенда останува врвен приоритет на Владата

24.06.2026 20:22

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на состанок со претставници на Европската комисија и Инвестициската рамка за Западен Балкан порача дека Владата продолжува со одговорно и транспарентно спроведување на реформите и реализација на стратешките проекти.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска учествуваше на состанок на високо ниво со претставници на ДГ ЕНЕСТ и тимот на Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), во рамки на мониторинг-мисијата за следење на статусот на проектите што се реализираат во земјава.

На состанокот се разговарало за Индикативната листа на проекти во рамки на Реформската агенда и Инструментот за реформи и раст, како и за проектите што се финансираат преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и се во фаза на имплементација.

Божиновска информирала за напредокот на тековните и планираните активности, нагласувајќи дека реализацијата на Реформската агенда е еден од клучните приоритети на Владата. Таа посочила дека Министерството ќе продолжи со транспарентно спроведување на реформите во координација со домашните институции и меѓународните партнери.

На средбата биле разгледани и предизвиците поврзани со реализацијата на проектите, при што биле предложени конкретни решенија за нивно надминување.

Во рамки на мониторинг-мисијата се предвидени повеќе работни состаноци, како и теренска посета на проектот за изградба на пречистителна станица за третман на отпадни води во Скопје.

Од Министерството нагласуваат дека продолжуваат активно да работат на усогласување со европското законодавство и на развој на сигурен, модерен и одржлив енергетски систем.