Венецуела

Вонредна состојба по двата силни земјотреса во Венецуела

25.06.2026 08:40

Два последователни, разорни земјотреса ја погодија Венецуела. Потресите биле со јачина од 7,2 и 7,5 степени по Рихтер. Стравувањата се дека има голем број жртви и повредени. Спасувачките екипи се терен, а венецуелските власти прогласија вонредна состојба. Епицентарот на земјотресите бил во близина на Каракас, а се почувствувале низ целата земја и во повеќе соседни земји.

Прогласена вонредна состојба во Венецуела откако два силни земјотреси го потресоа главниот град Каракас, со разлика од само неколку секунди-првиот со магнитуда од 7,2, а вториот од 7,5 степени. Регистрирани се и 20 последователни потреси. Привремената претседателка Родригез изрази сочувство без да прецизира колку луѓе загинале.

„Ова е трагедија со сериозни последици, неколку држави се тешко погодени. Во главниот град Каракас, зградите се урнаа во различни населби. Нема да има настава во следните денови од оваа недела. Ги активиравме сите наши јавни и приватни здравствени мрежи, особено во најтешко погодените области, за да им помогнеме на повредените. Ги повикувам сите здравствени работници да се јават на работа за да можеме да ги лекуваме оние што се донесени во одделенијата за итни случаи во болниците.“, изјави Делси Родригез – привремена претседателка на Венецуела.

Спасувачките екипи на терен-пребаруваат преживеани лица под урнатините од повеќекатниците, а главниот меѓународен аеродром е затворен поради сериозни штети од земјотресите. Жителите на Каракас со потресни сведоштва.

„Почна полека да тресе, а потоа постепено засилуваше и на крајот, сите моравме да ги напуштиме нашите живеалишта, да излеземе надвор и да се собереме заедно.“, изјави Хектор Ричи --жител на Каракас.

„Зградата се поместуваше од една на друга страна, беше неверојатно. За среќа немаше многу луѓе во зградата, затоа што можете ли да ја замислите паниката на луѓето што се обидуваа да излезат оттаму? Беше престрашно“, изјави Роберто Гамас – жител на Каракас.

Геолошкиот завод на САД предупредува на голем број жртви и обемна штета. Претседателот Трамп се огласи на социјалните мрежи и изрази подготвеност за помош на Венецуела.

„Двата силни земјотреси што го погоди луѓето во Венецуела се со огромни размери и оставија зад себе катастрофален број смртни случаи. Сад се подготвени, сакаат и можат да помогнат! Им наложив на сите агенции на нашата влада да се подготват за брза акција. Ќе бидеме таму за нашите нови и одлични пријатели. Првичните извештаи не се добри!“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

Венецуелските власти продолжуваат да ја следат состојбата по серијата последователни потреси што дополнително ги отежнуваат спасувачките операции.

 

Катерина Бојаџиева