Катастрофален земјотрес

25.06.2026 11:18

Два последователни, разорни земјотреса ја погодија Венецуела. Потресите биле со јачина од 7,2 и 7,5 степени по Рихтер. Стравувањата се дека има голем број жртви и повредени.

Прогласена вонредна состојба во Венецуела откако два силни земјотреси со јачина од 7,2 и 7,5 степени го потресоа Каракас и областите северно од главниот град. Регистрирани се и 20 последователни потреси. Има загинати и повредени, многу урнати објекти – под урнатините, грчевито се пребаруваат преживеани, во страв дека бројот на жртви ќе расте.

„Ова е трагедија со сериозни последици, неколку држави се тешко погодени. Во главниот град Каракас, зградите се урнаа во различни населби. Нема да има настава во следните денови од оваа недела. Ги активиравме сите наши јавни и приватни здравствени мрежи, особено во најтешко погодените области, за да им помогнеме на повредените. Ги повикувам сите здравствени работници да се јават на работа за да можеме да ги лекуваме оние што се донесени во одделенијата за итни случаи во болниците“, изјави Делси Родригез, привремена претседателка на Венецуела.

Главниот меѓународен аеродром е затворен поради сериозните штети. Првиот земјотрес се случи во 18:04 часот по локално време, што вообичаено би било врвот на шпицот. Но, 24-ти јуни е национален празник во Венецуела па затоа, повеќе луѓе од вообичаено биле дома отколку во нормален работен ден. Жители на Каракас со потресни сведоштва.

„Почна полека да тресе, а потоа постепено засилуваше и на крајот, сите моравме да ги напуштиме нашите живеалишта, да излеземе надвор и да се собереме заедно“, изјави Хектор Ричи, жител на Каракас.

„Зградата се поместуваше од една на друга страна, беше неверојатно. За среќа немаше многу луѓе во зградата, затоа што можете ли да ја замислите паниката на луѓето што се обидуваа да излезат оттаму? Беше престрашно“, вели Роберто Гамас, жител на Каракас.

Геолошкиот завод на САД предупредува на голем број жртви и обемна штета. Претседателот Трамп се огласи на социјалните мрежи и изрази подготвеност за помош на Венецуела.

„Двата силни земјотреси што го погоди луѓето во Венецуела се со огромни размери и оставија зад себе катастрофален број смртни случаи. САД се подготвени, сакаат и можат да помогнат! Им наложив на сите агенции на нашата влада да се подготват за брза акција. Ќе бидеме таму за нашите нови и одлични пријатели. Првичните извештаи не се добри“, рече американскиот претседател Доналд Трамп.

Венецуелските власти продолжуваат да ја следат состојбата по серијата последователни потреси што дополнително ги отежнуваат спасувачките операции. Ова е еден од најсилните земјотреси што ја погодиле јужноамериканската земја во последните сто години.

Катерина Бојаџиева