МВР

Скопјанец се обидел да измами повозасна жена во Крива Паланка за сума од 35.000 евра

25.06.2026 11:58

Полицијата во Крива Паланка уапси 45-годишен жител на Скопје осомничен за обид за измама на повозрасна жена. Измамниците лажно ја известиле дека нејзината ќерка доживеала тешка несреќа во Италија и побарале 35.000 евра за операција, но случајот бил навреме пријавен во полиција.

Полициски службеници од ОВР Крива Паланка вчера околу 11:30 часот го лишиле од слобода Н.Д. (45) од Скопје, поради сомнение дека се обидел да изврши кривично дело измама.

Според информациите од МВР, претходно непознато лице телефонски контактирало повозрасна жена од Крива Паланка, претставувајќи се како лекар од Италија. Тој ја известил дека нејзината ќерка паднала и се здобила со тешки повреди, односно повеќе скршеници на ногата и вилицата, поради што итно биле потребни 35.000 евра за операција.

Жената му одговорила дека не располага со толкава сума, по што се договорила да ги предаде сите пари што ги имала дома. Сепак, во меѓувреме стапила во контакт со својот зет, кој ја посоветувал веднаш да ја извести полицијата.

По преземените мерки, полициските службеници го затекнале и привеле осомничениот во близина на домот на жената, каде што дошол за да ги подигне парите.

Лицето е задржано во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.