Државната ревизија откри сериозни слабости во МЕПСО
Иако АД МЕПСО бележи раст на приходите, Државниот завод за ревизија констатирал бројни неправилности во управувањето со имотот, инвестициите и човечките ресурси. Ревизорскиот извештај за 2024 година укажува на нерешени имотно-правни прашања, доцнење на капитални проекти, милионски трошоци за неискористени кредити и неправилности кај дел од нововработените.

Државниот завод за ревизија утврдил сериозни слабости во работењето на АД МЕПСО Скопје, и покрај растот на приходите на државната компанија. Во ревизијата на финансиските извештаи и усогласеноста на работењето за 2024 година, ревизорите нотирале проблеми во управувањето со имотот, инвестициите, јавните средства и човечките ресурси.
Според извештајот, дел од електропреносната инфраструктура нема уреден правен статус, а за значителен дел од имотот не постои целосна сметководствена евиденција. Од вкупно 112 далекуводи во преносната мрежа, за 59 МЕПСО не располага со имотни листови, додека нерешени остануваат и сопственичките односи за 33 трафостаници кои се во заедничка сопственост со ЕВН.
Ревизорите констатирале и неправилности во евиденцијата на средствата, при што не е можно прецизно да се утврдат бројот и вредноста на дел од далекуводите и трафостаниците. Дополнително, завршени проекти во вредност од над 1,2 милиони евра не биле ставени во употреба, а за дел од инвестициите недостасува документација.
Извештајот укажува и на проблеми во реализацијата на инвестициските проекти. Во изминатите 13 години, степенот на реализација на дел од проектите се движел меѓу 9 и 62 проценти, а кај некои имало значително зголемување на вредноста и пролонгирање на роковите. За проект за далекувод меѓу Валандово и Милетково, и покрај одобрен заем од Европската банка за обнова и развој од 26,4 милиони евра, сè уште не започнала реализацијата.
МЕПСО користи кредитни линии во вкупен износ од над 102 милиони евра, но повеќе од половина од средствата не се повлечени. Поради тоа, само во 2024 година биле платени над 245 илјади евра провизии за неискористени средства, додека вкупните трошоци за камати и провизии достигнале речиси девет милиони евра.
Ревизијата открила и неправилности кај вработувањата. Кај 65 проценти од нововработените во 2024 година биле утврдени отстапувања во исполнувањето на условите од јавните огласи и систематизацијата на работните места, а дел од нив биле прераспределени или унапредени кратко по вработувањето.
Во извештајот е наведено и дека МЕПСО во 2024 година бил цел на сајбер напад кој предизвикал привремена недостапност на дел од информатичките системи, без да биде нарушен преносот на електрична енергија.
И покрај забелешките, ревизорите констатираат дека приходите од основната дејност – пренос на електрична енергија – бележат раст, а се зголемени и приходите од прекуграничните преносни капацитети, додека загубите во мрежата покажуваат тренд на намалување.
