Фотографска изложба, хорски концерт и претставата „Женидба“ на програмата на „Скопско лето“
Фотографска изложба на данската авторка Анне-Мет С. Сомер, концерт на Женскиот хор „Фрида од Македонија“ и театарската претстава „Женидба“ се дел од програмата на фестивалот „Скопско лето“ што ќе се одржи утре на неколку локации во главниот град.

Во рамки на фестивалот „Скопско лето“, утре во Културно-информативниот центар во Скопје, со почеток во 19 часот, ќе биде отворена фотографската изложба „Мали нешта“ на данската уметница Анне-Мет С. Сомер. Изложбата, реализирана во соработка со фестивалот „Зрно“, претставува избор на дела создадени со експериментални фотографски техники и истражувања на полароид фотографијата.
Во Сули ан, од 20:30 часот, ќе се одржи концертот „Песната е лек“ на Женскиот хор „Фрида од Македонија“, под диригентство на Сузана Турунџиева. Публиката ќе има можност да ужива во хорски обработки на познати балади, филмска музика и популарни мелодии.
Во истиот термин, на сцената на НУ Турски театар ќе биде изведена претставата „Женидба“, работена според мотиви од Николај Гогољ, во режија и кореографија на Кренаре Невзати-Кери. Претставата е продукција на Турскиот театар од Скопје и е поддржана од Министерството за култура и туризам.
