Спасувачка акција по земјотресите во Венецуела
Наместо прослава на националниот празник, паника и смрт. Венецуела погодена од два силни земјотреси од 7,2 и 7,5 Рихтери и серија последователни потреси, кои многу згради ги срамнија со земја. Се трага по преживеани. Иако официјално има над 30 загинати и стотици повредени, се стравува дека ќе има многу жртви. Владата во Каракас прогласи вонредна состојба. Светот се мобилизира, иако, обидите за помош дополнително ги отежнува фактот што главниот меѓународен аеродром е затворен поради претрпената штета.

Прогласена вонредна состојба во Венецуела откако два силни земјотреса со јачина од 7,2 и 7,5 степени ги потресоа Каракас и областите северно од главниот град. Регистрирани се и 20 последователни потреси. Има загинати и повредени, многу урнати објекти – под нив, грчевито се пребаруваат преживеани, во страв дека бројот на жртвите ќе расте.
„Ова е трагедија со сериозни последици, неколку држави се тешко погодени. Во главниот град Каракас, зградите се урнаа во различни населби. Нема да има настава во следните денови од оваа недела. Ги активиравме сите наши јавни и приватни здравствени мрежи, особено во најтешко погодените области, за да им помогнеме на повредените. Ги повикувам сите здравствени работници да се јават на работа за да можеме да ги лекуваме оние што се донесени во одделенијата за итни случаи во болниците.“, изјави Делси Родригез – привремена претседателка на Венецуела.
Главниот меѓународен аеродром е затворен поради сериозните штети. Првиот земјотрес се случи во 18.04 часот по локално време, што вообичаено би било врвот на шпицот. Но, 24 јуни е национален празник во Венецуела па затоа, повеќе луѓе од вообичаено биле дома отколку во нормален работен ден. Жители на Каракас со потресни сведоштва.
„Почна полека да тресе, а потоа постепено засилуваше и на крајот, сите моравме да ги напуштиме нашите живеалишта, да излеземе надвор и да се собереме заедно.“, изјави Хектор Ричи -жител на Каракас.
„Зградата се поместуваше од една на друга страна, беше неверојатно. За среќа немаше многу луѓе во зградата, затоа што можете ли да ја замислите паниката на луѓето што се обидуваа да излезат оттаму? Беше престрашно“, изјави Роберто Гамас – жител на Каракас.
Експерти од Геолошкиот завод на САД веќе издадоа драматични предупредувања и проценки кои сугерираат дека Венецуела би можела да се соочи со хуманитарна криза од невидени размери. Нивните анализи и проценки оставаат застрашувачки 30 насто веројатност дека бројот на жртви на крајот би можел да надмине 100.000. Светските лидери изразуваат сочувство и поддршка.
„Двата силни земјотреса што го погоди луѓето во Венецуела се со огромни размери и оставија зад себе катастрофален број смртни случаи. Сад се подготвени, сакаат и можат да помогнат! Им наложив на сите агенции на нашата влада да се подготват за брза акција. Ќе бидеме таму за нашите нови и одлични пријатели. Првичните извештаи не се добри!“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Венецуелските власти продолжуваат да ја следат состојбата по серијата последователни потреси што дополнително ги отежнуваат спасувачките операции. Ова е еден од најсилните земјотреси што ја погодиле јужноамериканската земја во последните сто години.
Катерина Бојаџиева
