Минчев: Академијата за административни службеници влегува во завршна фаза на подготовка
Министерот Минчев нагласи дека по усвојувањето на Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, Министерството за јавна администрација влезе во нова фаза, односно создавање на сите предуслови за Академијата да започне со работа како централна институција за професионален развој на административните службеници.

Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници не е само нова институција, туку дел од пошироката визија за создавање професионална, ефикасна и современа јавна администрација. Ова беше една од клучните пораки што министерот за јавна администрација Горан Минчев ги упати на денешната тркалезна маса „Идни предизвици при воспоставување и успешно функционирање на Академијата за стручно усовршување на административните службеници“, на која беа презентирани резултатите од досегашните активности, предлог-моделите за организација на Академијата и развојот на програмите за обука.
Настанот беше организиран во рамки на проектот „Поддршка за воспоставувањето на Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници“, што Министерството за јавна администрација го реализира заедно со Центарот за управување со промени, со поддршка на Амбасадата на Република Франција.
Министерот Минчев нагласи дека по усвојувањето на Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, Министерството за јавна администрација влезе во нова фаза, односно создавање на сите предуслови за Академијата да започне со работа како централна институција за професионален развој на административните службеници.
Во своето обраќање министерот посебно се осврна на поддршката од Француската амбасада и француските институции, оценувајќи дека размената на искуства и добри практики претставува значајна помош во градењето на современ и одржлив систем за обука на јавната администрација.
„Нашата цел е од наредната година да започне целосната примена на Законот, а Академијата да стане централно место каде што административните службеници ќе ги надградуваат своите знаења, вештини и компетенции. Уверен сум дека ќе создадеме институција која ќе биде пример за професионалност, квалитет и одржливост“ истакна министерот.
Академијата за административни службеници претставува еден од најважните столбови на реформата на јавната администрација, место каде што знаењето ќе се претвора во подобри институции, а подобрите институции во поквалитетни услуги за граѓаните.
