Владината реконструкција влегува во завршница, се очекува предлогот на Мицкоски
Разговорите за реконструкцијата продолжуваат, Собранието го чека предлогот – дали ќе има смена и избор на неколку министри или ќе се гласа како за нова влада зависи од тоа, дали чистката ќе зафати над една третина од актуелниот состав.

Собранискиот спикер Гаши го чека предлогот на премиерот Мицкоски за реконструкција на Владата. Во зависност од тоа дали премиерот ќе предложи кадровски решенија за над една третина од министерскиот состав, или само ќе има замена на стари со нови министри, ќе зависи и гласањето во законодавниот дом. Гаши не ја исклучува и можноста да се гласа за целата влада во пакет.
Викендов најавена нова рунда разговори меѓу владините коалициски партнери, бидејќи сè уште нема конечен договор за тоа кои министерски ресори ќе бидат опфатени со реконструкцијата. Се очекува премиерот Мицкоски до 1 јули до Собранието да го достави предлогот за нови министри и заменици министри.
Според партиски извори, ВМРО-ДПМНЕ ги добива ресорите евроинтеграции, здравство и социјална работа и демографија. Според одредени информации, правда го добива ВРЕДИ, но и култура, спорт и односи меѓу заедниците.
Сепак, сè уште не е дефинитивно прецизирано дали Филков заминува од правда. Се шпекулира дека Мицкоски дал согласност партијата на Максим Димитриевски да предложи кадар во земјоделство, на местото на Цветан Трипуновски, кој се повлекува од приватни причини.
Извесно е дека од „Илинденска“ број 2 заминуваат Фатмир Лимани и Арбен Фетаи, од ресорите социјална политика и добро владеење. Нови кадровски решенија и во ресорите млади и спорт и култура, а се навестува дека Азир Алиу заминува од здравство, а Беким Сали да преземе друг ресор, наместо евроинтеграции.
Ако ова се потврди, тогаш реконструкцијата ќе опфати седум до осум ресори и уште повеќе министерски имиња, што подразбира дека во Собранието би се гласало како за цела владата, за што е потребен 61 глас „за“, што несомнено мнозинство има и повеќе тоа.
Игор Панов
