Средба Муцунски- Гоунтанис, во фокус стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска се сретна со заменик-потсекретарот за внатрешни работи на САД, Џон Гоунтанис. Во фокусот на разговорите беа реализацијата на договорените приоритети од Стратешкиот дијалог и продлабочувањето на билатералната соработка.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска оствари средба со заменик-потсекретарот за внатрешни работи на Соединетите Американски Држави, Џон Гоунтанис.
На средбата се разговарало за активностите поврзани со спроведувањето на билатералните приоритети и цели договорени на Втората сесија на Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, одржана во април годинава.
Соговорниците ја потврдиле заедничката посветеност за натамошно унапредување на соработката и продлабочување на стратешкото партнерство меѓу двете земји.
Посебен акцент бил ставен на енергетската и инфраструктурната отпорност, економската и трговската соработка, сајбер-безбедноста, миграциските прашања, како и на заедничките напори во борбата против организираниот криминал и нелегалната трговија со дрога.
На средбата била нагласена потребата од континуирана координација и интензивирање на заедничките активности за реализација на договорените иницијативи во согласност со стратешките интереси на двете држави.
